Северна Македонија со гордост ја одбележува тридецениската соработка со Меѓународниот центар за изучување на заштитата и реставрацијата на културните добра, познат како ИКРОМ.
Основан во 1956 година, ИКРОМ е глобален лидер посветен на изучувањето, зачувувањето и реставрацијата на културните добра. При неговата мисија да го заштити културното наследство за сегашните и за идните генерации, ИКРОМги обучува и ги зајакнува професионалците, институциите и земјите членки со знаење и експертиза потребни за заштита и зачувување на светското наследство.
Нашата држава 30 години е дел од семејството кое посветено работи на изучување, чување и реставрација на културните добра.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го јубилејот, истакна дека во 1993 година нашите институции и здруженија се приклучија на инспиративното патување создавајќи партнерство кое го збогати нашето разбирање за заштитата и ги зајакна нашите врски со меѓународната заедница.
„Во овие 30 години, голем број од нашите стручни лица се стекнаа со знаења и вештини неопходни за заштита и зачувување на нашите културни богатства. Заедничките проекти со УНЕСКО и со неговите советодавни тела сведочат за нашата посветеност во справувањето со современите предизвици во заштитата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека ИКРОМ ја продолжува својата мисија за заштита на културното наследство во целиот свет, а ние ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност во остварување на целите на Меѓународниот центар.
„Заедно продолжуваме да го штитиме и да го промовираме нашето исклучително културно наследство поттикнувајќи подлабоко разбирање и ценење на нашата богата историја“, потенцира министерката за култура, која изрази срдечна благодарност до ИКРОМ за трајната поддршка и верба дека во следниот период ќе има уште поголеми достигнувања во зачувувањето на културното наследство кое нѐ обединува сите нас.
„Им го честитаме денот на сите што работат на првите линии на зачувување на наследството: научници, конзерватори, куратори на музеи, менаџери на локации, архивари, истражувачи и археолози, кои се потпираат на ИКРОМ во заштитата на културното наследство“, истакна Костадиновска-Стојчевска.